Нова комисија за истражување на можното влијание на руските и белоруските тајни служби во изминатите 20 години започна во Полска, јави ДПА.

Комисијата е составена од 12 специјалисти за безбедносни прашања, објави денеска во Варшава премиерот Доналд Туск. Ќе биде предводена од шефот на военото контраразузнавање, генерал Јарослав Штрожик. Во комисијата нема политичари.

Полска е еден од најважните воени поддржувачи на Украина, која е нападната од Русија. Тоа е и логистички центар за воената помош на Западот за Киев. Затоа Русија ја смета за непријател, а односите со соседна Белорусија, сојузник на Москва, се исто така напнати.

Како и другите земји на ЕУ, Полска стравува од акти на саботажа извршени во име на руските тајни служби.

Владата во Варшава, исто така, се сомнева дека руски разузнавачки служби стојат зад кибер нападот врз полската државна новинска агенција ПАП минатата недела.

Првично објавен, а подоцна повлечен лажен извештај тврдеше дека Полска мобилизирала 200 илјади граѓани во делумна мобилизација и планирала да ги испрати во Украина. Владата веднаш го демантираше ова, наведува ДПА.

Полска, исто така, истражува докази дека неколку големи пожари биле подметнати од агенти кои дејствувале во име на Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.