Најмалку пет луѓе загинале а уште петнаесет други се ранети во израелскиот ракетен напад од ноќта кон неделата врз сириската престолнина Дамаск, извести либанската телевизија Al Mayadeen повикувајќи се на извори во сириското министерство за здравство.

Информацијата ја потврдил за телевизијата Al Ekhbariya и извор од полицијата во Дамаск, кој додал дека во квартот Кфар Суса била погоден станбен објект.

Претходно ноќта сириските државни медиуми објавија дека сириската противвоздушна одбрана дејствува поради израелски ракетен напад. Во нивните извештаи се наведува дека биле соборени неколку проектили над Дамаск.

Истовремено телевизискиот канал Al-Hadath кој се емитува од Дубаи објави дека израелскиот напад бил насочен врз камп на шиитски доброволци од регионот кои се борат на страна на владата на претседателот Башар ал-Асад во југозападниот дел на Дамаск. Според оваа информација, шиитските милиции претрпеле загуби, но во веста не се наведуваат никакви податоци,

Нападот се случи во време кога Сирија се справува со последиците од катастрофалниот земјотрес кој ги погоди северозападните провинции на земјата и соседна Турција, а во кој животите ги загубија најмалку 5.800 Сиријци.

Израел изминатите години изведе стотици воздушни удари во Сирија гаѓајќи позиции на владините сили и на сојузничките шиитски милиции од Либан, Ирак и Иран, во прв ред на либански Хезболах. Меѓутоа, израелската војска никогаш, или многу ретко, ги потврдува таквите напади.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.