Вооружен Палестинец вчера уби двајца Израелци на окупираниот Западен Брег, што поттикна напади од израелски доселеници врз палестински куќи и автомобили во кои е убиен еден Палестинец, соопштија вчера официјални претставници.

Сè уште никој не ја презеде одговорноста за нападот, кој се случи во време кога израелските и палестинските претставници за безбедност се состанаа во Јордан за да разговараат за намалување на тензиите.

Израелската армија соопшти дека напаѓачот отворил оган врз израелското возило. Претставник на населената област изјави дека се убиени двајца браќа од населбата Хар Браха, оддалечена осум километри.

Палестинците по пукањето објавија дека Израелците од блиската населба нападнале палестински домови во областа.

Гасан Даглас, официјален претставник задолжен за активностите против населувањето, рече дека неколку палестински куќи и 15 автомобили биле запалени.

Израелски доселеник уби 37-годишен Палестинец, соопштија палестинските власти.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас рече дека ја смета израелската Влада целосно одговорна за нападите.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека војниците трагаат по напаѓачот, а армијата објави дека ја блокирала областа.

„Повикувам, дури и кога крвта врие, да не го земате законот во свои раце. Повикувам да им се дозволи на израелските одбранбени сили и безбедносните сили да ја завршат својата работа“, рече Нетанјаху.

Нападите се случија во време кога шефовите на израелските и палестинските безбедносни сили се состанаа за прв пат по неколку години, при што се согласија да го прекинат секое насилство и да завршат едностраните мерки во рок од три до шест месеци.

„Ова ја вклучува обврската на Израел да ги прекине дискусиите за нови населби на четири месеци и да ги замрзне одобрувањата за какви било нови згради на шест месеци“, додадоа тие и закажаа нов состанок во март.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.