Руското министерство за одбрана соопшти дека Русија почнала да повлекува дел од војниците распоредени на југот и западот на земјата, во близина на границата со Украина, по завршувањето на воените вежби.
Од Министерството соопштија дека војниците се враќаат назад во нивните постојани бази, без да дадат точен број на повлечените сили.
Додека мерките за борбена обука се при крај, војниците, како и секогаш, ќе спроведат комбинирани маршеви до нивните постојани гарнизони. Единиците од јужниот и западниот воен округ кои ги исполнија своите задачи веќе почнаа да товарат опрема на железничките и автотранспортните средства, но и персонал, и денеска ќе почнат да се упатуваат кон нивните воени гарнизони – изјави портпаролот на Министерството за одбрана, Игор Конашенков.
Распоредувањето на војниците предизвика тензии меѓу Западот и Русија, кои дојдоа до ниво што не беше забележано од Студената војна. Москва соопшти дека нејзините војници учествувале само во легални воени вежби.
Поради таквото распоредување на руски сили Западот тврдеше дека Русија подготвува инвазија на Украина и дека нападот неизбежно ќе се случи до средината на февруари. Официјален Кремљ во повеќе наврати ги негираше таквите тврдења и истакнуваше дека нема намера да врши инвазија врз Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.