Неочекуваниот и силен напад на милитантната организација Хамас врз Израел доведе до силен скок на цената на суровата нафта на светските берзи. Главната референтна цена на Брент порасна за приближно 3,5 долари за барел сурова нафта и се приближува до нивото од 89 долари за барел.

Цената се стабилизираше на повисоко ниво, а нејзиниот понатамошен раст ќе зависи од тоа дали ситуацијата ќе ескалира. Израел и палестинските територии не се производители на нафта, но Блискиот Исток сочинува речиси една третина од глобалното снабдување. Доколку очекуваната израелска контраофанзива на Појасот Газа доведе до дипломатска криза, земјите со мнозинско муслиманско население во областа би можеле да побараат повлекување на израелската армија.

Пазарите внимателно следат како ќе се развива ситуацијата бидејќи големите производители на нафта како Саудиска Арабија би можеле да го намалат производството на сурова нафта со цел да извршат економски притисок врз земјите кои го поддржуваат Израел и да ја прекинат опсадата на Газа.

Во зависност од тоа како земјите производители на нафта ќе реагираат на најавената опсада на Газа, може да настане нова нафтена криза. Уште пред ненадејниот напад на Хамас, многу аналитичари предвидуваа дека до крајот на годината цената на нафтата би можела да порасне до 100 долари за барел, што би ги искомплицирало напорите на САД и ЕУ во борбата против инфлацијата.

Намалувањето на производството од Русија и Саудиска Арабија ја турна цената над 97 долари за барел кон крајот на септември, но минатата недела цените паднаа за 11 отсто поради загриженоста во однос на забавување на економиите во Кина, САД и ЕУ.

Новата ескалација на палестинско-израелскиот конфликт може да ги поткопа напорите на Израел од една страна и на Саудиска Арабија и другите земји од Персискиот Залив (Кувајт, Бахреин, Катар, Обединетите Арапски Емирати) од друга страна за нормализирање на дипломатските односи, пишува Индекс.

Посредник во тие преговори се САД, а во замена за нормализација на односите со Израел, Саудиска Арабија побара поддршка во развојот на цивилна нуклеарна програма, намалување на ограничувањата за продажба на американско оружје и обезбедување безбедносни гаранции. Во 2020 година, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин го признаа Израел и воспоставија дипломатски односи. Беше потпишан т.н „Абрахамски договор“, со посредство на САД.

Обидите за уништување на Израел се историска константа од основањето на таа држава во 1948 година. Всушност, тоа е голем и повеќедецениски арапско-израелски конфликт, кој трае повеќе од 75 години со прекини. Во него, нафтата често се користеше како оружје, со цел да се одвратат САД и земјите од Европа да му помогнат на Израел под закана од намалување на производството на нафта и последователно зголемување на цената на таа енергија.

Директната причина за глобалната нафтена криза која започна во 1973 година беше војната меѓу Израел и арапските држави предводени од Египет и Сирија, наречена војна Јом Кипур по еврејскиот празник, кога Египет и Сирија ненадејно го нападнаа Израел.

Неколку дена по почетокот на војната, Саудиска Арабија, Иран, Ирак, Кувајт и Катар најавија намалување на производството на сурова нафта, а извозот во САД беше целосно забранет. Производството се намалуваше од месец во месец, до декември 1973 година, на само една четвртина во однос на нивото од септември.

Ова доведе до драстично зголемување на цената на нафтата и светска економска криза. До крајот на ембаргото во март 1974 година, цената на суровата нафта се зголеми за четири пати, од 3 на речиси 12 долари за барел. Економиите на САД и земјите од Западна Европа беа многу погодени, но кризата не беше изолирана само на нив, туку се прошири на поголемиот дел од светот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.