Швајцарија, каде речиси 70 отсто од населението е целосно вакцинирано, в петок ќе ги укине преостанати ограничувања поврзани со Ковид-19, соопшти денеска Владата.

Ќе се отстрани обврската за носење маска во јавниот превоз и во здравствените установи, како и условот за петдневна самоизолација по позитивен тест, соопшти Владата.

Во владиното соопштение се посочува дека одговорноста за натамошно држење на вирусот под контрола ќе им се препушти на локалните власти, и од нив се бара зголемена будност во следните 12 месеци, посебно по отстранувањето на ограничувањата.

„Благодарение на високото ниво на имунизација на населението, нема забележително зголемување на бројот на пациенти со Ковид-19 на одделенијата за интензивна нега во последните недели, иако бројот на инфекции повторно се зголеми во меѓувреме“, соопшти владата.

Постои мала веројатност за закана по јавното здравје во наредните месеци. Сепак, понатамошниот тек на пандемијата на Ковид-19 не може со сигурност да се процени, истакна швајцарската Влада и појасни дека коронавирусот најверојатно нема да исчезне, туку во иднина ќе стане ендемичен со сезонски бранови на вирусот.

Инаку, во Швајцарија, земја со 8,6 милиони луѓе, 69 отсто се целосно вакцинирани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.