Во неделата еруптираше вулкан на југозападниот дел на Исланд, соопшти тамошната метеоролошка служба, што е петта ерупција на полуостровот Рејкјанес од 2021 година. Потврдено е дека лава тече кон градот Гриндавик и дека населението е евакуирано.

Ситуацијата по ерупцијата на вулканот станува подраматична. Имено, откако лавата стигнала до нив, почнале да горат две куќи, јавуваат исландските медиуми.

Службите за итни случаи испратија пораки до луѓето да не се приближуваат до Гриндавик. Првата куќа во градот се запали речиси веднаш откако лавата стигна до неа.

За потсетување, претходно денеска беше испратен хеликоптер на крајбрежната стража за да ја процени ситуацијата и точната локација, објави Агенцијата за цивилна заштита по ерупцијата на уште еден вулкан во Исланд.

Ерупцијата започна северно од рибарскиот град Гриндавик.

Лавата тече кон Гриндавик, неколку стотици метри северно од градот – тоа се 400 до 500 метри“, изјави Кристин Јонсдотир од Исландската метеоролошка служба за исландската телевизија RUV.

„Според првите снимки од надзорниот лет на крајбрежната стража, се отвори пукнатина од двете страни на одбранбените структури кои почнаа да се градат северно од Гриндавик“, објави Исландската метеоролошка служба (ИМО), пренесува Скај њуз.

Исландскиот претседател Гудни Јоханесон на социјалната мрежа Х објави дека „градот е успешно евакуиран во текот на ноќта и дека никој не е во опасност“. Тој додаде дека постои можност инфраструктурата да биде оштетена и дека нема прекин на распоредот на летови.

Последната ерупција на полуостровот започна во вулканскиот систем Сварценги на 18 декември по евакуацијата на сите 4.000 жители на градот Гриндавик и затворањето на геотермалната бања Blue Lagoon, популарна туристичка точка.

На крајот Гриндавик беше поштеден бидејќи лавата течела во различен правец од градот.

Лежејќи помеѓу евроазиските и северноамериканските тектонски плочи, двете најголеми на планетата, Исланд е сеизмичко и вулканско жариште на активност бидејќи двете плочи се движат во спротивни насоки.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.