Американскиот претседател, Џо Бајден потпиша закон со кој линчот ќе се третира како злосторство од омраза. Законот е именуван по Емет Тил, 14-годишен Афроамериканец кој беше брутално убиен во 1955 година во Мисисипи.

Смртта на Тил и одлуката на белата порота да ослободи двајца белци кои подоцна го признаа убиството, го привлекоа вниманието на нацијата кон злосторствата и насилството со кои се соочуваат Афроамериканците и ги налутија застапниците за човекови права.

Во изминатите 100 години, во Конгресот пропаднале 200 обиди да се донесат закони против линчот, објави „Би-Би-Си“.

Со потпишувањето на законот, претседателот се справи со „незавршената работа“ и „хоророт“ во американската историја. Линчот не е минато. Расните злосторства сè уште се случуваат во нашата нација. И затоа мора да имаме храброст да ги наречеме со нивните вистински имиња и да ги изведеме сторителите пред лицето на правдата – порача потпретседателката Камала Харис, која го турка законот уште од времето кога беше сенатор во Калифорнија.

Бајден, кому гласовите на Афроамериканците му помогнаа да стане претседател, изјави дека законот не се однесува само на минатото.

Тоа се однесува и на сегашноста и на иднината. Расната омраза не е стар проблем. Тоа е постојан проблем – изјави Бајден.

Законот помина едногласно во Сенатот и во Претставничкиот дом со 422 гласа „за“ и три „против“.

На сторителите на линч или убиство како резултат на злосторства од омраза сега им се заканува затворска казна од 30 години.

Според Иницијативата за еднаква правда, околу 4.400 Афроамериканци биле линчувани помеѓу 1877 и 1950 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.