Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека точни се информациите на Москва за 600 украински војници загинати во нападот на градот Краматорск, и покрај информациите на западни агенции според кои нападите ги промашиле своите цели.

Кремљ е апсолутно убеден во точноста на овие информации и ќе Ве потсетам на зборовите на претседателот Владимир Путин дека главен извор на информациите е Министерството за одбрана, рече Песков.

Претходно агенциите соопштија дека руските ракети ги промашиле предвидените цели во градот Краматорск и оти нема очигледни знаци на штета, независно тврдењата на Москва дека во нападите загинале 600 украински војници.

Песков ги отфрли наводите на Киев дека заменик-шефот на кабинетот на претседателот на Русија, Дмитриј Козак, неофицијално разговарал со европски претставници за мир со Украина.

Тоа е уште една лажна вест, рече Песков.

Коментирајќи ги новите испораки оружје од западните земји, Песков оцени дека тоа „само ќе ги продлабочи страдањата на украинскиот народ“ и нема да го промени исходот од конфликтот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.