Пекинг затвори околу 10 отсто од станиците во своето големо метро како дополнителна мерка против ширењето на коронавирусот, јавува „Асошиејтед прес“.

Управата на метрото во кратка порака само соопшти дека мерката за затворање на 40 станици, главно во центарот на градот, се презема во рамки на мерките за контрола на епидемијата.

Пекинг е во состојба на зголемена готовност поради ширењето на инфекцијата – со ресторани и барови ограничени на храна што може да се носи, затворени спортски сали и суспендирани часови на неодредено време.

Главните туристички места во градот, вклучувајќи ги Забранетиот град и Зоолошката градина во Пекинг, ги затворија своите изложбени салони и се само делумно оперативни.

Неколку заедници каде што се откриени случаи на коронавирус се изолирани, а на луѓето што живеат во „контролирани“ области им е кажано да останат во границите на градот, вклучително и 12 области кои се сметаат за високоризични и други 35 за среден ризик.

Од жителите на градот се бара да се тестираат три пати неделно, бидејќи властите се обидуваат да откријат и изолираат случаи без да наметнат тип на сеопфатен карантин што се гледа во Шангај и на други места.

Негативен резултат од тестот добиен во претходните 48 часа е неопходен за влез во повеќето јавни простори.

Пекинг во средата забележа само 51 нов случај, од кои пет беа асимптоматски.

Сите бизниси се затворени, освен супермаркетите и продавниците за овошје и зеленчук, пренесува Н1.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.