Cеверна Кореја лансирала балистичка ракета, во правец на морето на исток, соопштија јужнокорејските и јапонските власти.

Ракетата е лансирана неколку дена по изјавите на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун дека ќе го зајакне нуклеарниот арсенал „со најбрзо можно темпо“ и се закани дека може да го искористи против своите ривали.

Лансирањето доаѓа шест дена пред инаугурацијата на новиот јужнокорејски претседател за неговиот петгодишен мандат.

Генералштабот на Јужна Кореја, во кратко соопштение, наведе дека ракетата била лансирана во близина на источниот брег на Cеверна Кореја, без да наведе дополнителни детали.

Јапонското Министерство за одбрана, пак, соопшти дека Cеверна Кореја лансирала можна балистичка ракета, исто така без да даде дополнителни детали.

Невообичаено големиот број тестови на оружје, 14-ти тест од почетокот на годината, укажува на двојната цел на Cеверна Кореја – да ги подобри ракетните програми и да изврши притисок врз САД поради замрзнатите преговори за нуклеарни прашања, велат експертите.

Исто така, има знаци дека Cеверна Кореја се подготвува за нуклеарна проба што треба да се изврши во пробна постројка во североисточниот дел на земјата.

Минатата недела Ким Џонг Ун ги покажа најмоќните проектили за време на големата воена парада во главниот град Пјонгјанг, кога истакна дека ќе развие оружје „со најбрзо можно темпо“ и предупреди дека земјата ќе го искористи својот нуклеарен потенцијал како мерка на претпазливост, доколку бидат загрозени нејзините национални интереси.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.