Се чини дека услугите и производите ќе станат поретки во Русија, откако денеска уште повеќе компании објавија дека ги прекинуваат врските во знак на протест против тековната инвазија на Кремљ врз Украина, јави германската агенција ДПА.
Самсунг Електроникс соопшти дека ја прекинал испораката во Русија поради нападот на Москва врз Украина. Испораките се суспендирани „поради тековните геополитички случувања“, се наведува во соопштението на Самсунг. „Продолжуваме активно да ја следиме оваа сложена ситуација за да ги одредиме нашите следни чекори“, велат од компанијата.
Исто така, фирмата ќе донира шест милиони американски долари за хуманитарните напори во регионот, се вели во соопштението.
Самсунг е најпопуларниот бренд за мобилни телефони во Русија, со пазарен удел од 30 отсто во четвртиот квартал од 2021 година, објави добавувачот на податоци Counterpoint. Кинескиот Xiaomi има 23 отсто удел на пазарот, а по него е Apple со 13 отсто, соопшти Counterpoint.
На финансиската страна, услугата за онлајн плаќања Пејпел (PayPal) соопшти дека ќе ги откаже своите услуги во Русија. Иако PayPal ја заврши својата домашна услуга за плаќање во 2020 година, до денеска им дозволуваше на Русите да вршат меѓународни плаќања преку нејзината платформа.
„PayPal го поддржува украинскиот народ и стои со меѓународната заедница во осудата на насилната воена агресија на Русија врз Украина“, се вели во соопштението на извршниот директор Ден Шулман.
Руските корисници на услугата сè уште ќе имаат краток период кога ќе можат да пристапат до средствата што се наоѓаат на нивните сметки
Индитекс, матичната компанија на шпанскиот бренд за брза мода Зара, исто така, ќе ја напушти земјата, што ќе значи привремено затворање на 502 продавници во Русија. Компанијата ги поседува и брендовите Massimo Dutti, Pull&Bear, Zara Home и Bershka, кои исто така ќе бидат засегнати.
„Со оглед на сегашните состојби, континуитетот на работењето и деловните услови не може да се гарантираат во Руската Федерација“, се вели во соопштението.
Ќе се прекине и онлајн продажбата. По Шпанија, Русија е најголемиот пазар на компанијата. Според сопствените изјави, околу 8,5 отсто од приходите доаѓаат од Русија.
Индитекст информира дека нивна главна грижа ќе бидат 9.000 вработени во Русија и наведе дека работи на план за нивно обезбедување.
Брендовите се приклучуваат на низата големи меѓународни фирми, вклучувајќи ги Епл, Интел и Мајкрософт, кои одлучија да ја запрат продажбата или да го паузираат бизнисот и услугите во Русија поради нејзината инвазија на Украина. ссм/
2022-03-05 17:32:22, од Сања Костовска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.