Центристичката алијанса на францускиот претседател Емануел Макрон се очекува да го задржи своето парламентарно мнозинство по првиот круг гласање, според проекциите во неделата по завршувањето на гласањето.
Проекциите засновани на делумни изборни резултати покажаа дека на национално ниво, партијата на Макрон и нејзините сојузници добија околу 25-26 отсто од гласовите. Тоа ги прави израмнети со новата левичарска коалиција составена од крајната левица, социјалистите и зелените. Сепак, се предвидува дека кандидатите на Макрон ќе победат во поголем број области од нивните левичарски ривали, давајќи му на претседателот мнозинство.
Емануел Макрон се соочува со губење на мнозинството во Националното собрание, бидејќи е израмнет со левичарската коалиција по денешниот прв круг од парламентарните избори во Франција, покажуваат други анкети.
Лево-зелената алијанса на Жан-Лик Меланшон ќе освои 25-26% гласови, слично како коалицијата на Макрон, Заедно. Актуелниот претседател тешко дека ќе стигне до потребните 289 пратеници за да има мнозинство.
Излезноста беше само 47%, најмалку во модерната историја.
„Вистината на крајот на првиот круг е дека партијата на претседателот е поразена. Излезете на гласање следната недела за целосно да ги отфрлиме ужасните политики на мнозинството на Макрон“, изјави Меланшон, кој беше трет на претседателските избори.
Макрон го освои вториот мандат во април, но без апсолутно мнозинство во собранието ќе има големи проблеми да ги спроведе најавените реформи. Тој планира постепено зголемување на возраста за одење во пензија од 62 на 65 години, додека Меланшон вети дека ќе ја намали на 60 години.
Макрон неодамна ја претстави својата нова влада на чело со Елизабет Борн, но таа и другите 14 министри мора да ги задржат местата во парламентот за да останат на функциите.
Излезните анкети велат дека партијата на крајната десничарка Марин Ле Пен освоила 19,2% гласови.
Националниот фронт на Ле Пен се надева дека ќе постигне подобар резултат од пред пет години, кога освои осум места. Со најмалку 15 пратенички места, на екстремната десница ќе ѝ биде дозволено да формира пратеничка група и да добие поголеми овластувања во собранието.
Самата Ле Пен е кандидат за реизбор во нејзиното упориште Хенин-Бомон, во северна Франција, каде што гласаше во неделата.
Повеќе од 6.000 кандидати, од 18 до 92 години, се кандидираа во неделата за 577 места во Националното собрание на Франција во првиот круг од изборите.
Системот на гласање во два круга е сложен и не е пропорционален за националната поддршка за една партија. Онаму каде што нема одлучувачки победник во неделата, најмногу четворица кандидати кои ќе добијат поддршка од најмалку 12,5 отсто ќе се натпреваруваат во вториот круг од гласањето на 19 јуни.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.