Градските власти во Киев денеска предупредија дека е можно „целосно замрачување“ на електричната мрежа во главниот град на Украина, а премиерот Денис Шмихал изјави дека речиси половината од енергетскиот систем на земјата е оневозможен во руските напади.

Во изминатите неколку недели Русија ги засили нападите врз украинските енергетски капацитети, а во силните воздушни напади во вторникот и четвртокот беше погодена енергетската инфраструктура низ целата земја.

-За жал, Русија продолжува со ракетните напади врз украинската цивилна и критична инфраструктура. Речиси половина од нашиот енергетски систем е исклучен, рече премиерот Шмихал по состанокот со еврокомесарот за трговија, Валдис Домбровскис.

Киев е еден од најтешко погодените градови од нападите со ракети и беспилотни летала кои на моменти го прекинаа снабдувањето со електрична енергија, греење и вода и тоа во моменти кога се приближува зимата.

Инженерите брзаат да ја санираат електричната мрежа во главниот град, каде вчера падна првиот снег.

-Се подготвуваме за различни развојни сценарија, вклучувајќи го и целосното исклучување, рече Микола Поворжник, заменик-менаџер на градската администрација во Киев.

Тој не кажа што ќе се случи доколку електричната мрежа целосно се исклучи, но властите рекоа дека не размислуваат за евакуација на градовите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.