Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Урсула фон дер Лајен, која беше реизбрана за претседателка на Европската комисија (ЕК), не е противник на Унгарија.

Во интервју за унгарското државно радио, Орбан рече дека патриотските сили „постигнале голем успех, но не и напредок“ на изборите за Европскиот парламент (ЕП) одржани во јуни.

Групата „Патриоти за Европа“ сега е трета по големина сила во ЕП, рече Орбан, наведувајќи дека ќе биде втора по големина кога ќе формира сојузи, пренесува агенцијата МТИ.

Орбан смета дека партиските лидери кои, како што рече, работат против Унгарија во ЕП, треба да се сметаат за противници, наведувајќи го како пример лидерот на Европската народна партија, Манфред Вебер, за кого, како што наведе, „е познато дека ги мрази Унгарците и оти промовира војна и миграции“.

Унгарскиот премиер изрази очекување патриотските сили да постигнат напредок на претстојните избори во Австрија и другите земји, како и на претседателските избори во САД.

Патриотските сили ќе бидат мнозинство во светот до крајот на годината, рече Орбан.

Според него, народот сака „поинаква Европа и поинаква европска политика во однос на она што го нуди левицата“.

Орбан рече дека проблемот е што европските лидери не го прават она што го сакаат народот и додаде дека сите луѓе ширум Европа сакаат мир наместо војна, но оти левицата е за војна и дека народот сака да ја запре миграцијата, но левицата поддржува миграција.

Премиерот на Унгарија истакна дека постои јасна десничарска програма и визија што ги нуди новооснованата политичка група во ЕП – Патриоти за Европа – а тоа се мир, заштита на традиционалното семејство и противење на миграцијата.

Орбан ја основа Патриоти за Европа на крајот на минатиот месец, по изборите за ЕП.

Патриотите за Европа станаа официјална група во ЕП откако белгиската крајнодесничарска партија Фламански интерес објави дека се приклучува на сојузот. Фламански интерес е седмата национална партија која се приклучи на Патриоти за Европа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.