Унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа изјави дека неговата земја не брза да ја ратификува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, што укажува на тоа дека скандинавската земја може да се соочи со дополнителни одложувања во нејзиниот прием во воената алијанса, пренесуваат странските агенции.

За време на отворањето на есенската сесија на унгарскиот Парламент, Орбан им рече на пратениците дека „ништо не ја загрозува безбедноста на Шведска“ и дека затоа Унгарија „не брза“ да го ратификува пристапот на земјата во НАТО.

Унгарија останува единствената земја-членка на НАТО, освен Турција, која сè уште не ја одобрила кандидатурата на Шведска за пристапување во алијансата.

Скандинавската земја, заедно со соседна Финска, ја напушти својата долгогодишна воена неутралност откако Русија ја нападна Украина во февруари 2022 година и започна со реализација на својата намера да се приклучи на НАТО.

Орбан, исто така, ја критикуваше украинската влада предводена од претседателот Володимир Зеленски, велејќи дека Унгарија „нема да ја поддржи Украина за ниту едно меѓународно прашање“ додека не се обноват јазичните права на големото унгарско малцинство во западна Украина.

Тој, исто така, рече дека Унгарија е „измамена“ од планот на Европската унија да дозволи украинско жито да транзитира низ Унгарија откако испораките на Црното Море беа попречени од војната со Русија, и дека пратките на украински производи наводно наменети за Африка, се продаваат во Унгарија по пониски цени, што врши притисок врз локалните производители.

„Брисел тврдеше дека без украинско жито, сериозен глад им се заканува на африканските земји. Откако војната го оневозможи транзитот низ Црното Море, Унгарија отвори солидарен транзитен коридор на барање на Брисел, за да може храната да стигне до Африка од Украина преку Унгарија. Да речеме отворено: Тие нè измамија“, рече Орбан



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.