Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Украина е „светлосни години“ оддалечена од пристапувањето кон Европската унија.

Говорејќи на конгресот на неговата партија „Фидес“, Орбан порача дека тој и неговата влада ќе се спротивстават на разговорите во ЕУ кон средината на декември за тоа дали официјален Киев треба формално да ги почне преговорите за пристапување во европскиот блок.

За прием на нова земја во ЕУ потребна е согласност од сите членки на Унијата, а Орбан може да стави вето.

Орбан, на партискиот конгрес во Будимпешта по 11 пат беше реизбран за претседател на Фидес.

Притоа тој кажа дека еден од приоритетите на неговата нова влада ќе биде да го запре патот на Украина кон ЕУ.

Нашата задача е да го исправиме погрешното ветување, дека преговорите со Украина ќе почнат, бидејќи Киев сега е светлосни години оддалечен од ЕУ, изјави унгарскиот премиер.

Орбан посочува дека преговорите за членство не можат да почнат со земја во војна и дека членството на Украина ќе го промени системот на распределба на средствата за земјите-членки на ЕУ.

Европската комисија претходно овој месец предложи почеток на пристапните преговори со Украина, велејќи дека владата во Киев „покажала исклучително ниво на институционална сила, решителност и способност да функционира“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.