Десничарското политичко движење на Виктор Орбан привлече доволно партии за да биде признато во Европскиот парламент како посебна група, што ќе биде голем поттик за напорите на унгарскиот премиер „да ја промени европската политика“. Орбан на 30 јуни објави дека има намера да формира нова парламентарна група наречена „Патриоти за Европа“.
Последни кои објавија дека се приклучуваат на блокот на Орбан се данската Народна партија и националистичката белгиска партија Фламански интерес, која се залага за независност на Фландрија, со што „Патриоти за Европа“ сега обединува 23 европратеници, доволно за да биде формално признат.
Дел од овој блок претходно станаа главните десничарски партии од Австрија, Чешка, Португалија, Шпанија и Холандија. Орбан кажа дека партиите првпат ќе се сретнат утре во Брисел, а сојузници би можеле да станат и францускиот Национален собир и италијанската партија Лига.
Со формирањето на овој блок Орбан се обидува да стане доминантната десничарска сила во Европскиот парламент. Покрај семејните вредности и запирањето на имиграцијата, блокот ќе се залага и за укинувањето на европската воена помош за Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.