Унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на ненадејната посета на Киев, изјави дека побарал од Зеленски да размисли за итен прекин на огнот и додаде дека итен прекин на огнот ќе ги забрза мировните преговори со Русија.

Орбан додаде дека Будимпешта сака да ги подобри врските со Украина и да потпише билатерален договор за соработка, но и да учествува во економскиот развој на Украина, пренесува Ројтерс.

Зеленски на заедничката прес-конференција рече дека денешните разговори со Орбан може да бидат основа за идните договори меѓу Киев и Будимпешта.

Благодарен сум на Унгарија за учеството на мировниот самит (во Биргенсток, Швајцарија минатиот месец) и за поддршката на заедничкото коминике од самитот. Нашата работа во овој формат навистина помага да се стави крај на војната – изјави Зеленски во објава на платформата Х.

Тој, исто така, му се заблагодари на Орбан што ја посети Украина за првпат по 12 години.

Ова е прва посета на Орбан на Украина од почетокот на руско-украинската војна, а шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, на својот канал Телеграм објави дека Украина направила многу за таа посета да се оствари, пренесува Укринформ.

Направивме многу за да ја оствариме оваа посета. Важни разговори за иднината на Европа, безбедноста, меѓународното право и формулата за мир, напиша Јермак.

Посетата на Орбан дојде откако Унгарија вчера го презеде претседавањето со ЕУ во следните шест месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.