Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска во Будимпешта дека неодамна ја прифатил поканата на украинскиот претседател Володимир Зеленски за средба, но датумот не е одреден.
Тоа би била нивна прва средба од почетокот на рускиот напад врз Украина.
На годишната прес-конференција, Орбан рече дека се согласува со предлогот на Зеленски за средба, изнесен на 10 декември на церемонијата на полагање заклетва на новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милај.
„(Зеленски) рече дека треба да преговараме, а јас реков дека ќе му бидам на располагање. Само треба да разјасниме едно прашање: за што“, рече Орбан, додавајќи дека украинскиот лидер побарал дискусија за желбата на неговата земја да се приклучи на Европската Унија.
Односите меѓу Орбан и Зеленски се затегнати затоа што Унгарија постојано ја блокираше ЕУ да и’ дава финансиска помош на Украина и одбиваше да и испорача оружје. Орбан, исто така, се спротивстави на отворањето на пристапните преговори меѓу ЕУ и Украина и е еден од ретките лидери на ЕУ кои официјално не го посетиле Киев откако Украина се бори против руската инвазија.
На самитот на ЕУ минатата недела, Орбан стави вето на усвојувањето на пакетот помош од 50 милијарди евра за Киев. Тој претходно го олесни отворањето на преговорите со Украина со тоа што ја напушти просторијата кога се одлучуваше, на предлог на германскиот канцелар Олаф Шолц. За усвојување на одлуките во ЕУ неопходна е согласност од сите членки, но правилата предвидуваат ова барање да се смета за исполнето и во случај кога отсуствува еден лидер.
Орбан денеска изјави дека неговата влада останува против предложениот опсег и временска рамка за финансирање на Украина, што укажува дека тој ќе ја задржи таа позиција и на следниот самит на ЕУ во февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.