Виктор Орбан ја доби „трампата“ со ЕУ. Унгарскиот премиер претходно ги блокираше 18 милијарди евра помош од Унијата за соседна Украина, очекувајќи прво да му биде исплатена помошта од ЕУ за неговата земја, пари кои ЕУ не се согласуваше во целост да ги исплати. Синоќа беше постигнат компромис, соопшти чешкото претседателство со Советот на Европската унија.

Постојаните претставници на земјите-членки на ЕУ начелно гласаа за помош од 18 милијарди евра за Украина, минимален данок од 15 отсто за големите компании, одобрување на планот за закрепнување на Унгарија и договор за условите, соопшти чешкото претседателство на својот Твитер профил.

Пакетот ќе биде потврден со писмена процедура, прецизираше претседателството. Постапката ќе биде покрената в среда, изјави дипломатски извор.

Договорот постигнат синоќа е де факто отфрлање на Европската комисија, која препорача замрзнување на 7,5 милијарди евра од средствата на ЕУ наменети за Унгарија, со оглед на тоа дека последните реформи што ги усвои Будимпешта за борба против корупцијата сè уште не се доволни.

Исплатата на 5,8 милијарди евра од планот за економско закрепнување презентиран од Будимпешта исто така беше суспендиран во очекување на спроведувањето на реформите за владеење на правото. Земјите-членки ги зедоа предвид последните мерки усвоени во средата од унгарскиот Парламент за исполнување на условите наметнати на Унгарија.

Со компромисот постигнат синоќа се намалуваат замрзнатите европски средства на 6,3 милијарди евра.

Будимпешта, исто така, одбиваше да се согласи на минимален данок од 15 проценти за големите компании.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.