Премиерот на канадската држава Онтарио, Даг Форд, прогласи вонредна состојба поради двонеделните протести на камионџиите против пандемсиките ограничувања.
Демонстрантите и натаму одбиваат да го деблокираат сообраќајот, особено мостот Амбасадор, што е клучната сообраќајница за трговијата меѓу Канада и САД.
Премиерот Форд, кој е член на Конзервативната партија, изјави дека јасно ќе им стави до знаење на демонстрантите дека е нелегално да се блокира клучната инфраструктура.
Ќе има последици и тие ќе бидат сурови – изјави Форд.
Демонстрантите се соочуваат со казна до една година затвор и парична казна од 100.000 долари.
Висечкиот мост „Амбасадор“, што го поврзува Онтарио со Детроит во САД, е клучната сообраќајница за автомобилската индустрија, но и за американските болници кои вработуваат голем број медицински персонал од Канада.
Блокадата на канадската граница им се заканува на синџирите за снабдување, што веќе се ослабени поради недостигот и одложувањата поврзани со пандемијата – предупреди Брајан Кингстон, претседател на Здружението на канадски производители на автомобили, претходно оваа недела, повикувајќи на прекин на протестите.
Секој ден преку тој мост поминуваат околу 40.000 луѓе и се транспортира стока во вредност од 323 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.