Група експерти на Обединетите нации денеска ги повикаа сите земји да ја признаат палестинската држава за да се постигне мир на Блискиот Исток.
Повикот доаѓа една недела откако Шпанија, Ирска и Норвешка формално ја признаа палестинската држава, што го налути Израел.
Експертите, вклучително и специјалниот известувач на ОН за човекови права на палестинските територии, рекоа дека признавањето на палестинската државност е важно за правата на палестинскиот народ и неговите напори за слобода и независност.
Ова е предуслов за траен мир во Палестина и на целиот Блиски Исток и почнува со итно објавување на прекин на огнот во Газа и запирање на понатамошните воени упади во Рафа, нагласија тие.
Решението со две држави останува единствениот меѓународно усогласен пат кон мир и безбедност и за Палестина и за Израел и е излез од генерациските циклуси на насилство и гнев, додаваат експертите.
Шпанија, Ирска и Норвешка со своето признавање на палестинската држава сакаат да го забрзаат постигнувањето мир во Газа. Трите земји изразија надеж дека тоа ќе го забрза признавањето и од страна на другите западни земји. Данскиот парламент подоцна одби да го стори тоа, а Словенија ќе го разгледа утре. Израел се противи на признавањето на палестинска држава, тврдејќи дека тоа го зајакнува Хамас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.