Генералното собрание на Обединети нации ја одобри резолуцијата со која 18 ноември е утврден за Светски ден на превенција од сексуална злоупотреба на деца.

На Светскиот ден на превенција од сексуална злоупотреба на деца ќе биде истакната потребата од превенција, сторителите да бидат изведени пред правдата и на жртвите да им се даде глас како дел од процесот на лекување.

Резолуцијата е предлог на Сиера Леоне и Нигерија, а беше поддржана повеќе од 110 држави.

Првата дама на Сиера Леоне, Фатима Мада Био, која ја претстави резолуцијата, ја нарече сексуалната злоупотреба на деца „гнасно злосторство“ што особено ги погодува девојчињата, кои се изложени на поголем ризик да станат жртви на сексуална експлоатација отколку момчињата.

Таа истакна дека 18 ноември нема да биде ден за славење, туку потсетување на светот и посочи дека е неопходно да се даде глас на жртвите „за да знаат дека не се сами“.

Био наведе дека на Запад долго време се зборува за сексуална злоупотреба и дека луѓето не се срамат, но дека во Африка луѓето не сакаат да зборуваат за силување.

– Толку долго ги прикриваме работите. Мора да престанеме да ја користиме религијата за да ги прикриеме лошите работи. Не постои религија која вели дека силувањето е прифатливо, посочи Био.

Боливиската адвокатка и детски психолог Бриса де Ангуло, која води кампања против сексуалната злоупотреба во нејзината земја, рече дека била жртва на сексуално насилство кога имала 15 години и дека се бори за правда веќе 20 години.

– Многу години одевме во тишина, засрамени од она што ни се случи, изјави Де Ангуло, додавајќи оти жртвите треба без срам да зборуваат за тоа што им се случило.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.