Четири од десет германски компании очекуваат нивниот бизнис да се намали во 2023 година, наведувајќи ги како причина за тоа високите трошоци за енергија, проблемите со синџирите на снабдување и тековната војна во Украина.

„Ризикот од недостиг на гас во зимската сезона 2022/23 повеќе не е толку акутен како во летото 2022 година, а цените на енергијата се намалија. Сепак, тие остануваат високи и не може да се исклучат прекини во производството“, објаснуваат експерти на Германскиот економски институт (IW).

Во последната студија на институтот се посочува дека дури во 2023 година ќе стане јасно какви испораки на гас и енергија може да се гарантираат за претстојната зима, како и степенот на евентуалните прекини што може да се случат во текот на годината.

Истражувањето, спроведено меѓу околу 2.500 германски компании, исто така, покажува дека околу една третина од нив очекуваат производствениот сектор да стагнира додека една четвртина предвидува дека нивниот бизнис ќе се прошири.

Германската економија, најголемата во Европа, се очекува да се намали за 0,3 отсто следната година, што е најмногу меѓу земјите од Г7, проценува Меѓународниот монетарен фонд кој како главна причина за тоа го посочи ненадејниот прекин на испораките гас од Русија.

Изгледите се особено неповолни во германскиот градежен сектор, каде што повеќе од половина од компаниите анкетирани од Германскиот економски институт очекуваат пад на производството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.