Партиите од т.н. проевропското мнозинство во Европскиот парламент се договорија за одлагање на седниците на парламентарните комитети за потврда на номинациите на кандидатите за нови потпретседатели на Европската комисија, чии сослушувања се одржаа вчера.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, претходно беше предвидено потврдувањето на номинациите да заврши вчера, по што Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, на 21 ноември би извршила конечна евалуација на номинациите и би го прогласила процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен.

Договорот за одлагање на потврдувањето на номинациите е постигнат на средба на лидерите на Европската народна партија (ЕПП), Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната група „Да ја обновиме Европа“, со цел, како што беше образложено, да обезбеди „сеопфатен пакет на сите шест номинирани“. Според извори во Европарламентот, ЕПП инсистира евалуационите седници да се одржат следната недела, додека СД и либералните за залагаат тоа да се случи до крајот на оваа недела.

По одлагањето на потврдувањето на номинациите на кандидатите за потпретседатели, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која доаѓа од редовите на ЕПП, вчера во Европарламентот имаше средба со политичките лидери на „Да ја обновиме Европа“ и СД.

Одлуката за одложување на седниците за потврдување на номинациите уследи по тензичното сослушување на кандидатката за извршна претседателка на ЕК за чиста, праведна и конкурентна транзиција и за еврокомесарка за конкурентност, Шпанката Тереза Рибера Родригез.

Извори во Европарламентот посочија дека „настапот на Рибера Родрогез“ бил „разочарувачки“, поради што некои европратеници побарале таа дополнително да одговори на писмено доставени прашања.

Резервите околу номинацијата на шпанската кандидатка, која доаѓа од редовите на СД, се оценуваат како дел од меѓупартиските пазарења во Европарламентот, но и од внатрешните политички пресметки во Шпанија, каде Рибера Родригез, која е актуелна министерка за еколошка транзиција и демографски предизвици, е изложена на жестоки критики од страна на опозициската Народна партија (ПП), инаку дел од ЕПП, за начинот на кој Владата се справува со неодамнешните поплави во земјата.

За утре е предвидено европратениците да гласаат за предлогот на ЕПП за измени на Регулативата на ЕУ за уништување на шумите, со што би се ублажиле некои од рестриктивните мерки во неа, на што се против СД, па се очекува договорот околу овие амандмани да биде „врзан“ со одобрувањето на номинацијата на Рибера Родригез.

За денеска е предвидено да се одржи и седница за потврдување на номинацијата на кандидатот за еврокомесар за здравство и благосостојба на животните и актуелен еврокомесар за соседска политика и проширување Оливер Вархеји, чие одобрување исто така беше одложено по сослушувањето одржано минатата среда.

Согласно процедурите, откако Конференцијата на претседатели ќе го прогласи процесот на сослушување на кандидатите за еврокомесари за завршен, Европарламентот на пленарното заседание, предвидено за од 25 до 28 ноември во Стразбур, ќе треба да гласа за избор на Европската комисија во пакет. За да биде избрана, новата Европска комисија треба да добие мнозинство гласови на пратениците што ќе гласаат.

Доколку Еврокомисијата биде одобрена во Парламентот, таа треба уште формално да биде именувана од Советот на ЕУ, постапка што се очекува да заврши до крајот на ноември, по што од 1 декември би започнал да тече мандатот на новите еврокомесари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.