Израелската армија денеска продолжи да го бомбардира Појасот Газа и десетици луѓе беа убиени пред почетокот на муслиманскиот пост Рамазан и во услови на меѓународни напори за испраќање хуманитарна помош до опколеното цивилно население кое е во опасност од глад.

Како дел од најавата на ЕУ за хуманитарен поморски коридор, првиот брод треба да исплови од Кипар за да пренесе помош на територијата уништена од повеќе од пет месеци војна меѓу Израел и палестинскиот исламистички Хамас.

Пред Рамазан, нема знаци за договор за прекин на огнот во војната, за која Хамас вели дека досега се убиени повеќе од 31.000 луѓе, главно цивили, во израелската воена офанзива.

Синоќа, според властите на Хамас, биле извршени над 60 напади и погодени куќи во централниот и јужниот дел на Газа, најмногу во градот Кан Јунис.

Најмалку 13 лица загинаа кога граната удрила врз шаторите на раселените луѓе во регионот Ал-Маваси меѓу Кан Јунис и Рафах, соопшти тамошното Министерство за здравство.

Во ноќта меѓу саботата и неделата загинаа вкупно 85 Палестинци.

Израелската армија, чии војници дејствуваат на голем дел од палестинската територија, објави дека во последните 24 часа во центарот на Газа и Кан Јунис биле убиени околу 30 палестински борци. Според податоците на ОН, гладот ​​е закана за 2,2 милиони од 2,4 милиони жители, а 1,7 милиони се раселени.

Во изминатите неколку дена, неколку западни и арапски земји фрлија пакети со храна и медицинска опрема во Газа. Во петокот ЕУ и САД објавија дека подготвуваат поморски хуманитарен коридор од Кипар, кој е на околу 370 километри од Газа. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изрази надеж дека денеска ќе исплови првиот брод со 200 тони храна обезбедена од невладини организации.

Останува да се види како таа помош ќе биде испорачана на територија која секојдневно е бомбардирана од израелската армија и борбите се во тек. ОН, кои предупредуваат дека широко распространето гладување е речиси неизбежно во Газа, потврдија дека фрлањето пакети со помош од воздух и нивното испраќање по море не може да ја замени испораката на копно.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.