Франција се соочи со нов бран протести и штрајкови во повеќе градови земјата, по неуспешниот состанок меѓу француската премиерка Елизабет Борн и синдикатите околу нацрт-законот за пензиските реформи со кои се зголемува старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Разговорот на Борн со синдикатите траеше цел час, но не го донесе посакуваното решение.

Демонстрантите почнаа протестен марш во Париз, а полицијата употреби солзавец двапати на протестите во Лион и еднаш во Нант, јавуваат новинарите на БФМТВ.

Синдикатите велат дека единствен излез од кризата е повлекување на законот, што претседателот на француската влада цврсто го отфрли како можност.

Нема друго решение освен повлекување на реформата, порача лидерката на синдикатот ЦГТ, Софи Бине на почетокот на протестот во Париз.

Лоран Берже, лидерот на најголемиот синдикат во земјата Се-Еф-Де-Те (CFDT) повика што е можно повеќе работници да се приклучат на маршовите низ Франција, кои ќе се одржат утре.

Ние сме во социјална криза, демократска криза“, изјави Берже за радиото РТЛ.

Претходните демонстрации на 28 март имаа помал одѕив, при што околу 740.000 луѓе протестираа низ целата земја, според Министерството за внатрешни работи, во споредба со рекордните 1,28 милиони на 7 март.

Парискиот јавен транспортен оператор РАТП предвидува дека сообраќајот денеска ќе се одвива речиси нормално.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.