Новата полска влада планира да ја намали училишната програма за околу 20 отсто, сметајќи дека наставниците и учениците се преоптоварени со обемната наставна програма.

Министерката за образование Барбара Новачка при посетата на училиште во градот Мисловице изјави дека се консултира со експерти како да се намали наставната програма која во средните училишта ќе почне да се применува од следната учебна година, на 1 септември.

„Намалувањето на материјалот ќе им овозможи на наставниците и учениците посмирено и подетално да го обработуваат, што би резултирало со поефективно образование“, соопшти Министерството за образование.

Измените на наставната програма по предметите историја и книжевност, сепак, предизвикаа револт кај опозициските политичари, кои, меѓу другото, го критикуваат исфрлувањето на делото на полскиот папа Јован Павле Втори, како и злосторствата на украинските националисти против полските цивили во Втората светска војна, пишува Гардијан.

Образованието е една од неколкуте области во кои новоизбраната влада на Доналд Туск се обидува да спроведе реформи по осум години владеење на десничарската партија Право и Правда (ПиС).

Во текот на изминатите 20 години, полските ученици постигнаа напредок на тестовите ПИСА, а според најновите резултати од програмата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која ги оценува знаењата и вештините во математиката, читањето и природните науки, Полска е на над просечно ниво.

Заедно со Финска забележа најдобар резултат меѓу земјите на ЕУ според индексот на писменост, кој го оценува читањето со разбирање.

Меѓутоа, на тестот во 2022 година, полските ученици постигнаа полоши резултати од 2018 година, а владата на Туск тврди дека образовните придобивки биле поништени со реформите спроведени од ПиС.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.