Нов Зеланд потпиша меморандум за разбирање со германскиот институт „Алфред Вегенер“ за да се поттикне соработката на Антарктикот, соопшти министерот за надворешни работи Винстон Петерс.
Како што јави ДПА, Питерс имал средба со неговата германска колешка Аналена Бербок во најголемиот град во Нов Зеланд, Оукланд, каде што присуствувале на потпишување на договор меѓу „Антарктик Нов Зеланд“ и Институтот „Алфред Вегенер“.
„Антарктик Нов Зеланд“ е владина агенција одговорна за спроведување на активностите на Нов Зеланд на Антарктикот, со поддршка на водечката светска наука и заштита на животната средина.
Антарктикот е од голем геостратешки и научен интерес и овој аранжман ќе ги прошири врските меѓу нашите институти за морска и поларна наука, изјави Петерс.
Двајцата дипломати разговарале и за потребата од итен прекин на огнот во Газа и за зајакната соработка во Пацификот.
Нов Зеланд и Германија уживаат заеднички интереси и вредности, вклучувајќи владеење на правото, демократија, почитување на меѓународниот систем и човековите права. Германија е нашиот најголем извозен пазар во Европа. Таа е исто така најважниот научен и иновативен партнер на Нов Зеланд и најголемиот образовен пазар во Европа и извор на значителен број туристи и млади луѓе на работните празници, нагласи Петерс.
Бербок се сретнала и со министрите Сајмон Вотс и Џудит Колинс, со кои разговарала за соработката за вселената, науката и климатските промени.
Таа пристигна во Нов Зеланд од Австралија, каде што се сретна со австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг и посети центар за кибер безбедност и позиција на австралиската морнарица во Аделаида.
Утре Бербок ќе биде првата германска министерка за надворешни работи што ја посетила островската држава Фиџи во јужниот дел на Пацификот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.