Норвешка ќе распореди војска за да ги заштити своите нафтени и гасни капацитети од можна саботажа, откако беа нападнати два руски гасоводи кои носат гас во Европа, изјави норвешкиот премиер.

Истекувањето на гас како резултат на можна саботажа откриена на гасоводите „Северен тек“ во вторникот предизвика конфузија на енергетските пазари и ја зголеми загриженоста за безбедноста.

Норвешка моментално е најголемиот европски снабдувач на гас. Има повеќе од 90 морски полиња за гас и нафта, од кои повеќето се поврзани со мрежа на гасоводи што се протега на околу 9.000 километри.

„Армијата ќе биде повидлива во норвешките нафтени и гасни постројки“, рече премиерот Јонас Гар Стоере на прес-конференција.

Нa нападот ќе биде одговорено заедно со нашите сојузници, рече тој. Норвешка е членка на НАТО алијансата.

На море, морнарицата ќе биде ангажирана за заштита на поморските инсталации, а на копно, полицијата би можела да го зголеми своето присуство на инсталациите, рече тој.

НАТО и Европската Унија ја истакнаа потребата да се заштити критичната инфраструктура и предупредија на „силен и обединет одговор“ доколку има повеќе напади.

Во понеделникот, Норвешката агенција за безбедност на нафта повика на поголема внимателност поради неидентификуваните беспилотни летала видени во близина на морските платформи за гас и нафта на Норвешка, предупредувајќи дека тие можат да претставуваат ризик од несреќи или намерни напади.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.