Германија подготвува нов закон со кој на странците ќе им биде полесно да добијат германско државјанство. Тоа е една од мерките во рамките на пошироката реформа на имиграциската политика со цел зголемување на вкупната работна сила.

Предлог-законот, кој ќе биде претставен во Бундестагот во наредните месеци, ќе овозможи поднесување барање за државјанство по пет години престој во земјата, наместо досегашните осум. Оние кои ќе изразат желба за брза интеграција, на пример, ако го научат германскиот јазик, ќе можат да поднесат апликација веќе по три години.

Исто така, ќе се укине забраната за двојно државјанство за имигрантите од земји кои не се членки на ЕУ, што значи дека имигрантите повеќе нема да мора да се откажат од државјанството на нивната матична земја. Во моментов, право на државјанство имаат само луѓето со пасоши на ЕУ или оние со еден родител од Германија.

Германската влада ја претстави својата верзија на зелениот картон на крајот на минатата година, а на квалификуваните работници им го олеснува влезот во земјата дури и ако немаат претходна понуда од германски работодавач. Но, тие мора да исполнуваат најмалку три од четирите критериуми. Станува збор за поседување на високо образование или професионална квалификација, работно искуство од најмалку три години, познавање на јазикот или претходен престој во Германија и дека се помлади од 35 години.

Најавената реформа е најобемната ревизија на правилата за германско државјанство од 2000 година, кога децата на имигрантите во Германија првпат автоматски ги стекнаа условите за државјанство, пишува CNBC.

Коалициската влада спроведува низа социјално прогресивни политики во обид да привлече 400.000 квалификувани странски работници секоја година за да се балансира со стареењето на населението и недостигот на работна сила.

Германија достигна рекорден број жители – 84,3 милиони во 2022 година – поттикната од силниот пораст на нето имиграцијата, за што придонесоа и украинските бегалци. И покрај ова, економијата се бори со недостиг на работна сила додека населението старее.

Во исто време, Германија заостанува во однос на стапките на натурализација во споредба со другите европски земји. Во 2020 година беа доделени 1,3 државјанства на 100 странски жители, додека просекот на ЕУ е 1,6. Ова го отежнува влезот на странските работници на пазарот на трудот. Се проценува дека околу 10 милиони луѓе – околу 12 проценти од 80-те милиони жители на земјата – во моментов живеат во земјата без германски пасош, што значи дека немаат право на глас или вработување во одредени владини служби.

Во Берлин, дури една третина од жителите беа спречени да гласаат на избори во последниве години поради постојните закони за државјанство.

Со правилото за престој од осум години за државјанство, Германија во моментов е меѓу порестриктивните земји во Европа. На Франција и Ирска, на пример, им требаат само пет години, додека на Шпанија и Италија 10 години.

Новиот закон треба да се најде во Бундестагот во наредните месеци со цел да се гласа до летото 2023 година. Се очекува против него да биде одреден дел од опозицијата, меѓу кои и Христијанско-демократската унија, која смета дека со тоа се ризикува да се девалвира германското државјанство.

Сепак, за владејачката партија, бавната германска бирократија ќе биде поголем проблем бидејќи не успева ниту да ги реши постоечките барања. Во моментов се обработуваат околу 100.000 од нив, а некои се постари од три години. Од нив, 26.000 се наоѓаат само во Берлин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.