Во саудискиот град Џеда, на брегот на Црвеното Море, синоќа заврши мировниот самит за Украина, на кој учествуваа високи претставници од околу 40 држави, но немаше претставник на Русија.
Средбата заврши по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати.
Саудиска Арабија, обидувајќи се да стекне глобално влијание, беше домаќин на состанокот за Украина, на кој се очекуваа „не лесни“ разговори. Средбата, што почна попладнето заврши синоќа по неколкучасовни говори на делегациите и долга дискусија зад затворени врати, соопштија учесниците.
Како што се очекуваше, не беше објавена завршна декларација, но според неименуван европски извор, договорен е заеднички став за клучните точки, пред сè дека во мировниот договор мора да се почитува „територијалниот интегритет и суверенитет“ на Украина.
На Самитот присуствуваа и претставници на земјите-членки на БРИКС, кои не застанаа зад Украина, но не ја поддржуваат руската инвазија, што почна во февруари 2022 година.
Според неименуван европски извор, Кина активно учествувала и позитивно се изјаснила за идејата за нов состанок.
Се обединуваат напорите да се создадат услови за валидни преговори … Дали денешниот состанок ги создава овие услови? Очигледно не. Тоа е долгорочен напор, наведе француски дипломатски извор.
Додека советник на бразилскиот претседател Лула да Силва, Селсо Аморим посочи дека „во сите вистински преговори мора да бидат вклучени сите страни“, вклучително и Русија.
Иако Украина е најголемата жртва, ако навистина сакаме мир, мораме на еден или друг начин да ја вклучиме Москва во овој процес, наведе Аморим.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски истакна дека украинската делегација го претставила својот мировен план од десет точки, кој предвидува целосно повлекување на руските трупи од украинска територија.
– Разговорите не се лесни, но вистината е на наша страна. Имаме многу несогласувања и слушнавме многу гледишта, изјави шеф на администрацијата на украинскиот претседател кој ја претставуваше неговата земја во Џеда,Андриј Јермак.
Претходно, Украина, заедно со САД, го критикуваа Ријад поради заедничкото спроведување на нафтената политика со Русија, чија цел е зголемување на цените на светските пазари, што е во корист на Москва, која е под санкции на Западот.
Сепак, нестабилноста на енергетските пазари поврзана со војната во Украина и даде можност на Саудиска Арабија да се врати на дипломатската мапа. Ријад во ОН ги поддржа резолуциите со кои се осудува руската инвазија, како и руската анексија на територија во источна Украина.
Во мај, Саудиска Арабија го покани Владимир Зеленски на Самитот на Арапската лига, кој ја искористи можноста да обвини некои регионални лидери дека замижуваат пред руската инвазија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.