Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика лидерите на опозицијата „веднаш да ја запрат анархијата“ по, како што рече, нападот врз министерот за земјоделство Ави Дихтер, за време на протест против планот за реформи во правосудството.

На видео снимките на социјалните мрежи се гледа како жена демонстрант замавнува со копје од знаме кон министерот Дихтер, поранешен шеф на службата за безбедност Шин Бет, удирајќи го еднаш во главата, но тој неповреден продолжува да оди.

Полицијата соопшти дека жената е уапсена заедно со уште двајца демонстранти кои биле во близина. Нетанјаху апелираше до полицијата и обвинителството да преземат поостра акција против насилните протести и остро го осуди нападот врз министерот Дихтер од страна на, како што наведе на Твитер, левичарска активистка.

Барам полицијата и обвинителството да преземат итна и цврста акција против некој што става рака врз избраните функционери пред да биде предоцна“, порача Нетанјаху.

Протестите се одржаа по четврти пат откако на почетокот на јануари беше објавен контроверзниот план за реформи во правосудниот систем.

Демонстрантите ги блокираа главните патишта, запалија автомобилски гуми во близина на важно пристаниште и закачија големо израелско знаме и копија од Декларацијата за независност на ѕидовите на Стариот град во Ерусалим.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.