Израелскиот опозициски лидер Бенјамин Нетанјаху изрази надеж дека рускиот претседател Владимир Путин почнува да се сомнева во неговите експанзионистички напори и најави дека ќе размисли за снабдување со оружје за Украина доколку повторно стане премиер по изборите 1 ноември.

Како што пренесува Бета, изјавата се чини дека е отстапување од неговиот став дека Израел треба да биде неутрален во однос на војната во Украина, со оглед на неговата желба да ја задржи слободата на движење за да ги нападне иранските цели во Сирија, чиешто небо го контролира Москва.

На новинарско прашање дали верува дека Путин постапува рационално додека ги проширува руските воени операции во Украина, Нетанјаху одговори дека мисли оти рускиот претседател се води од „неговата визија за обновување на големата руска империја и оти се надева дека почнува да се сомнева во тоа“.

Поранешниот премиер на Израел порача дека не сака да „игра психолог“, туку повторно да биде на чело на владата, да ги добие сите информации и потоа да одлучи што, доколку нешто може да се направи во конфликт надвор од она што е направено досега, јавија израелските медиуми.

Нетанјаху потсети дека актуелната влада е на удар поради одбивањето да испорача оружје на Украина и оти неодамна му беше поставено прашање за тоа, а одговорот ќе го разгледа кога ќе биде на функцијата.

Сите имаме симпатии за Украина. Тоа прашање не се ни поставува и јас не се разликувам, изјави Нетанјаху, додавајќи дека од него било побарано да посредува меѓу Русија и Украина по избувнувањето на војната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.