Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска на сослушување пред истражната комисија на Сенатот во Хамбург ги отфрли обвинувањата за вмешаност во случајот за даночно затајување на хамбуршката приватна банка „Варбург“, додека бил на чело на тој град.

Немав никакво влијание врз даночниот случај на банката Варбург – изјави Шолц при неговото второ појавување пред истражната комисија на парламентот во Хамбург за аферата „кам-екс“ – еден од најголемите германски повоени корпоративни скандали, објави „Ројтерс“.

Во скандалот „кам-екс“ станува збор за банки кои им помагале на своите клиенти да избегнат данок на добивката од дивиденди.

Спорни се средбите на Шолц со претставници на банката „Варбург“ во 2016 и 2017 година, кога тој беше градоначалник на Хамбург.

Не постои ни најмало навестување дека сум се согласил со било што– рекол Шолц, алудирајќи на други сведоштва пред комисијата, додава британската новинска агенција.

Шолц изјавил дека градот-држава Хамбург не претрпела никаква штета, а банката подоцна ја платила казната, додавајќи дека се надева дека по неговото денешно сведочење ќе престане да изнесува обвинувања кои не се засновани на факти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.