Западните сојузници денеска ги згаснаа надежите на Украина за брза испорака на борбени тенкови за зајакнување на нејзината огнена моќ за пролетна офанзива против руските сили, при што САД го повикаа Киев да се воздржи од спроведување таква операција.

Највисокиот американски генерал, говорејќи по состанокот на сојузниците во воздухопловната база Рамштајн, исто така рече дека на Украина оваа година ќе ѝ биде многу тешко да ги избрка руските напаѓачи од земјата.

Во пресрет на состанокот во Рамштајн доминираше прашањето дали Германија ќе се согласи да испрати тенкови леопард 2 во Украина или да им го дозволи тоа на други земји што ги имаат тие тенкови.

На крај, не беше донесена одлука за снабдување со леопарди, рекоа официјалните лица, иако беа дадени ветувања за големи количества друго оружје, вклучувајќи системи за противвоздушна одбрана и некои други модели на тенкови, пренесе Ројтерс.

Соединетите Американски Држави, исто така, стојат цврсто на својата одлука сè уште да не ѝ даваат на Украина тенкови абрамс, изјави висок американски функционер во Вашингтон. Прво нека стигне најновото американско оружје и обезбедената обука, рече официјалниот претставник.

Во Рамштајн, американскиот генерал Марк Мили, претседател на Здружениот генералштаб, на прес-конференција изјави: „Од воена гледна точка, сè уште тврдам дека оваа година би било многу, многу тешко воено да се исфрлат руските сили од секоја украинска педа окупирана од Русија“.

Ова веројатно ќе ја разочара Украина, бидејќи војната почната со руската инвазија минатиот февруари продолжува без никакво решение или намалување на интензитетот на повидок. Претседателот Володимир Зеленски конкретно побарал повеќе тенкови, вели Ројтерс.

Леопардите од германско производство се сметаат за особено погодни за Украина, бидејќи се широко користени, што значи дека неколку земји би можеле да придонесат со некои од своите тенкови како помош за Украина. Тие ќе ѝ дадат предност на Украина додека се префрла од одбранбени во офанзивни операции.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, говорејќи претходно во текот на денот, ги повика сојузниците да копаат подлабоко за да ја поддржат Украина, без конкретно споменување на тенковите.

„Русија се прегрупира, регрутира и се обидува повторно да се опреми. Ова не е момент за забавување. Време е да се копа подлабоко. Украинскиот народ нѐ гледа“, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.