По последните демонстрации во Париз против реформата на пензискиот систем, уапсени се 234 лица.

На улиците на Париз беа распоредени 2.000 полицајци, а за време на нередите се повредени 11 полицајци.

Пожарникарите во Париз гаснеа 240 запалени купишта ѓубре, кои останаа на улиците на француската престолнина поради штрајкот на комуналните работници.

Спонтани демонстрации имало и во други градови како Сент Етјен, Стразбур, Амиен, Каен и Тулуз.

Француската влада вчера со мало мнозинство го „преживеа“ гласањето недоверба во собранието.

За недоверба на француската Влада гласаа 278 пратеници, а за усвојување на тој предлог беа потребни уште девет гласа – 287.

Гласањето дојде откако Долниот дом на парламентот минатата недела ја усвои непопуларната реформа на пензискиот систем, со која минималната возраст за пензионирање ќе се зголеми од 62 на 64 години.

Реформата која ја форсира францускиот претседател Макрон, со цел да избегне рецесија поради стареење на популацијата, се состои во подигнување на старосната граница за заминување во пензија, од 62 на 64 години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.