Прво светско истражување покажало дека речиси никаде на Земјата нема постојано безбедни нивоа на загадување на воздухот. Студијата, предводена од Универзитетот Монаш во Австралија, покажала дека само 0,001 отсто од светското население постојано било изложено на ниско ниво на загаденост на воздухот во 2019 година, а на глобално ниво, 70 отсто ги надминале безбедните граници, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Загадувањето на воздухот предизвикува околу осум милиони смртни случаи секоја година. Ситните честички помали од 2,5 микрометри, познати како ПМ 2,5, можат да ги нападнат дишните патишта и крвните садови, предизвикувајќи мозочни удари, рак на белите дробови и болести на срцето.

Светската здравствена организација (СЗО) го постави безбедносниот праг за дневна изложеност на ПМ 2,5 честички на 15 mg/m3, но меѓу 2000 и 2019 година, просечното ниво на загаденост на воздухот ширум светот беше повеќе од двојно поголемо од границата, кога изнесуваше 32,8 mg/m3.

Оваа студија е прва што ја покажува промената на дневната изложеност на загадениот воздух на глобално ниво во текот на неколку децении. Податоците се извлечени од 5.446 станици за следење во 65 земји.

Источна Азија имала најлошо загадување на воздухот во текот на овој период од две децении, со просечна годишна изложеност на ПМ 2,5 честички од 50 mg/m3, а потоа следат Јужна Азија (37,2 mg/m3) и Северна Африка (30 mg/m3).

Регионите со најниско загадување на воздухот со ПМ 2,5 честички во текот на две децении биле Австралија и Нов Зеланд (8,5 mg/m³), другите региони во Океанија (12,6 mg/m³) и Јужна Америка (15,6 mg/m³).

Загадувањето на воздухот се намалило во Европа и Северна Америка помеѓу 2000 и 2019 година, но се зголемило во Јужна Азија, Австралија и Нов Зеланд, Јужна Америка и на Карибите.

Овој тип на загадување имаше сезонски модел. Во североисточна Кина и северна Индија, употребата на фосилни горива за загревање на домовите доведе до најголемо загадување на воздухот во текот на зимата. Но, спротивниот образец беше забележан на источниот брег на Северна Америка, каде ПМ 2,5 го достигна врвот во летните месеци.

Истражувачите велат дека шумските пожари и песочните бури поврзани со климатските промени, исто така, би можеле да придонесат за загадувањето на воздухот во југоисточна Австралија во 2019 година.

Оваа студија дава длабоко разбирање за моменталната состојба на загадувањето на воздухот и неговото влијание врз здравјето на луѓето. Со оваа информација, креаторите на политики, официјалните лица за јавно здравје и истражувачите можат подобро да ги проценат краткорочните и долгорочните здравствени ефекти од загадувањето на воздухот и да развијат стратегии за ублажување на загадувањето на воздухот“, вели Јуминг Гуо, истражувач за квалитетот на воздухот на Универзитетот Монаш.

Како влијае загадувањето на луѓето? Загадувањето со ПМ 2,5 честичките се појавува при согорување на фосилните горива, поради издувните гасови од автомобилите, пожарите, но и поради употребата на печките на гас.

Кога ги вдишуваме овие ситни честички, тие поминуваат низ слузницата на белите дробови. Ова може да предизвика воспаление, да доведе до влошување на астмата и хронична опструктивна белодробна болест.

Отровните честички можат да продрат и во крвните садови, предизвикувајќи нивно воспаление, а кај некои луѓе тоа може да доведат и до мозочен удар. Тие можат да доведат до создавање згрутчувања кои го оштетуваат срцето или мозокот.

Овој труд е објавен во „The Lancet Planetary Health“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.