Најмалку 23 лица починаа од колера за време на епидемијата што ги погоди поплавените области во источна Етиопија, соопшти денеска хуманитарната организација „Спасете ги децата“ (Save the Children), пренесува Би-Би-Си.
Во текот на изминатите две недели, во регионот Сомали, кој е најтешко погоден од неодамнешните поплави предизвикани од поројните дождови, потврдени се повеќе од 770 случаи на колера, информираа од организацијата.
Поројните дождови ја погодија областа каде живеат повеќе од 1,5 милиони луѓе, а се проценува дека повеќе од 600.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
Повеќе од 90 области во Етиопија пријавиле случаи на колера, при што од хуманитарната организација предупредуваат дека ситуацијата може да се влоши бидејќи се очекуваат пообилни врнежи во најмалку три региони.
Дождовите што ја погодија Етиопија, како и соседните Сомалија и Кенија, беа предизвикани од временскиот феномен Ел Нињо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.