Во јуни 2023 година во земјите на ЕУ барања за азил првпат поднеле вкупно 83.385 државјани на земји што не се членки на Унијата, што претставува зголемување за 25 отсто во споредба со истиот месец лани, кога биле регистирирани 66.845 барања за меѓународна заштита, покажуваат податоците на Европската статистичка служба – Евростат.

Во исто време, биле регистирани и 5.795 апликации од лица чии барања за азил претходно биле одбиени, што претставува намалување за девет проценти  на годишно ниво од 6.365 такви баратели во јуни 2022 година.

Како и претходните месеци и во јуни, најголемиот број баратели на азил или 13.150 потекнуваат од Сирија, по што следуваат Авганистанците  со 7.775 апликации, Венецуелците со 6.925 и Колумбијците со 6.165. Меѓу оние кои првпат аплицирале за азил во ЕУ имало и 1.065 државјани на Украина.

Најмногу барања за азил биле поднесени во Германија и тоа 23.190, по што следуваат Шпанија со 16.075, Франција со 12.475 и Италија со 10.730. Во овие четири земји се поднесени 75 отсто од вкупниот број апликации за азил.

Гледано, пак, по глава на жител, на ниво на ЕУ оваа стапка изнесувала 0,186 апликации за азил на 1.000 жители. Најголема стапка на баратели на азил пер капита имало на Кипар од 0,799 апликации на 1.000 лица, пред Австрија со 0,519 барања на 1.000 жители. Од друга страна, најниска стапка има во Унгарија од само 0,0004 апликанти на 1.000 лица.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, меѓу барателите на азил во јуни 2023 година биле и 2.975 малолетници без придружба. Од нив, 980 биле од Сирија, а 910 од Авганистан.

Најголем број апликации за азил од малолетници без придружба биле поднесни во Германија – 805, по што следува Австрија со 570 и Холандија со 445 барања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.