Началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мили, посетил аеродром на границата со Украина, што стана центар за снабдување на таа држава со оружје, објави „Си-Ен-Ен“, повикувајќи се на висок функционер од американското Министерство за одбрана.

Според „Си-Ен-Ен“, Мили лично ја набљудувал испораката на оружјето, откако претходно се сретнал со војската и се запознал со процесот на транспортирање на оружјето.

Во извештајот се додава дека локацијата на овој аеродром останува тајна за да се заштитат пратките со оружје, вклучително и противтенковски ракети.

Исто така се наведува дека руската армија не се обидела да го спречи овој трансфер на оружје, но постои одредена загриженост дека таквите испораки би можеле да бидат нападнати од Русија „како што напредува нејзината офанзива“.

Командата на европските специјални сили (ЕУКОМ) е првенствено одговорна за операцијата за масовна испорака на оружје, користејќи ги своите врски со сојузниците и партнерите за „координација во реално време“ и испраќање материјали во Украина, навел друг претставник на американското Министерство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.