Израелски доселеник убил Палестинец кој влегол во населба на окупираниот Западен Брег вооружен со ножеви и експлозивни направи. Израелската армија соопшти дека вооружен Палестинец влегол во фарма во близина на еврејската населба Карнеи Шомрон, на Западниот Брег, при што бил убиен од израелски доселеник.

Палестинските власти го идентификуваа убиениот Палестинец како 21-годишниот Абед ал Шеик.

Неколку часа подоцна, 16-годишно палестинско момче им подлегнало на повредите откако било тешко рането кога израелските војници отвориле оган врз Палестинци кои фрлале камења врз нив, на северот на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Палестинскиот тинејџер Амир Оуда бил ранет крај израелски контролен пункт во близина на градот Калкилија.

Насилството доаѓа само еден ден откако палестински напаѓач пукаше и рани тројца Израелци во центарот на Тел Авив, по што израелските безбедносни сили упаднаа во палестинското село Налин и се подготвуваа да ја урнат семејната куќа на Палестинецот, осомничен за вчерашниот напад во Тел Авив.

Американските медиуми наведуваат дека од почетокот на годината во воените рации и акции, како и во отворени судири израелската војска убила најмалку 75 Палестинци, додавајќи дека во палестинските напади се убиени најмалку 14 Израелци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.