На вчерашните парламентарни избори во Австрија победи ултрадесеничарската Слободарската партија (ФПО), освојувајќи околу 29 проценти од гласовите.
На изборите гласале 6,3 милиони граѓани (78 проценти), а во кампањата доминираа прашањата за миграцијата и азилот, економските проблеми и војната во Украина.
Според освоените гласови ФПО би требало да има 56 од вкупно 183 пратеници, додека конзервативците би добиле 52, а социјалдемократите 41 пратеничко место.
Но, дали ФПО ќе најде партнер за формирање на стабилна коалиција останува отворено прашање, бидејќи лидерите на партиите не се расположени за соработка со партија со наводна нацистичка идеологија.
ФПО е формирана во 50-тите години од минатиот век од поранешни членови на СС и други нацистички ветерани, а предизборната кампања беше насочена кон странците, ветувајќи дека ќе изгради „тврдина Австрија“ за да ги спречи мигрантите.
Лидерот на ФПО, Херберт Кикл им вети на гласачите дека ако му ја дадат победата, тој ќе служи како нивен „Волксканцелар“ (Volkskanzler) или „народен канцелар“.
Иако ФПО го минимизира своето нацистичко минато и се обидува да се прикаже себеси како алтернатива против естаблишментот на мејнстрим десницата и левиот центар, таа постојано користи фашистички пароли.
Победата на ФПО наиде на воодушевување кај европските десничарски партии.
Лидерката на француската партија Национален собир, Марин Ле Пен на платформата Икс напиша:
По изборите во Италија, Холандија и Франција, овој бран, кој ја поддржува одбраната на националните интереси, зачувувањето на идентитетот и воскреснувањето на суверенитетот, насекаде го потврдува народниот триумф“.
Победата на ФПО за лидерот на германската десничарска Алтернатива за Германија (АфД), Бјерн Хоке е сензација.
Победата на ФПО не е само победа за Австрија – таа ги надминува границите на таа алпска република и е добар знак за напредок за цела Европа, објави Хоке на Икс.
Додека холандскиот националист Герт Вилдерс, чија Партија на слободата (ПВВ) ја предводи холандската Влада на Икс објави: „Ние победуваме! Времињата се менуваат! Идентитет, суверенитет и слобода. И нема повеќе илегална имиграција или азил, по што копнеат десетици милиони Европејци!“
На Фејсбук се огласи и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, кој напиша: „Каков викенд!! По Чешка, уште една победа за патриотите преку граница … Без војна, без миграција и без родова пропаганда!“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.