На антивладини протести во Тел Авив е уапсенo 21 лице поради „незаконско собирање“ и нарушување на јавниот ред и мир, соопшти израелската полиција.
За жал, денеска видовме голем број демонстранти кои дојдоа со цел да се пресметаат со полицијата, а не поради легитимен протест, се вели во соопштението.
Полициските сили во Тел Авив употребиле водени топови за да ги растераат демонстрантите на тротоарот на улицата Каплан.
На видео снимка се гледа како полицајци ги туркаат демонстрантите со факели кои се обидуваат да ја пробијат полициската блокада додека извикуваат „Вие сте главен, вие сте виновен“, мислејќи на премиерот Бенјамин Нетанјаху, објави „Тајмс оф Израел“.
Според полицијата, демонстрантите ги блокирале патиштата во области надвор од претходно одобрените граници на протестот.
Демонстрантите повикаа на ослободување на заложниците кои ги држи палестинската група Хамас.
Израелските војници нема да ги ризикуваат своите животи на бојното поле доколку не бидат вратени заложниците кои се држат во Газа, рече Амирам Левин, генерал-мајор на резервните сили, обраќајќи се пред толпата граѓани во Тел Авив.
Левин, поранешен командант на Северната команда на израелските одбранбени сили и заменик-шеф на Мосад, повика на враќање на 134 заложници за кои се верува дека ги држи Хамас во Газа.
За жал, се соочуваме со период на војна, можеби и сериозна, и ќе ни треба силна војска и илјадници борци подготвени да ги ризикуваат своите животи на бојното поле, но без морална победа, тоа нема да се случи, рече Левин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.