Прекршувајќи ги постигнатите договори, вооружените сили на Руската Федерација продолжуваат со ракетни и бомбашки напади врз Мариупол, Волноваха и други украински градови, соопшти Амбасадата на Украина во Македонија.

Тековното гранатирање го оневозможува отворањето на хуманитарни коридори за безбедна евакуација на цивилите и испорака на лекови и прехранбени производи.

Тврдењата на Министерството за одбрана на Руската Федерација за наводно создавање пречки од страна на украинските власти за заминување на жителите од опколените градови не се точни и се дезинформации за оправдување на криминалните дејствија на руската армија.

Руската страна ги игнорира апелите на меѓународните хуманитарни организации, особено на Меѓународниот комитет на Црвениот крст, за прекин на огнот со цел да се создадат безбедни услови за заминување на цивили и повредени луѓе.

Постапките на Русија се грубо кршење на Женевските конвенции и се класифицирани како воено злосторство според Римскиот статут.

Ја повикуваме меѓународната заедница – државите и меѓународните организации – веднаш да го осудат грубото кршење на договорите за отворање хуманитарни коридори од страна на Русија и да ја повикаат Москва да им нареди на руските трупи да прекинат со огнот.

Украина, заедно со вклучените хуманитарни организации, е подготвена да го евакуира цивилното население веднаш штом се создадат безбедни услови за истото.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.