Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го одложи објавувањето на зимските прогнози за економијата за една недела со цел да го вклучи во пресметката влијанието од ширењето на новата варијанта на коронавирусот, објави портпаролот на глобалниот кредитор, Гери Рајс.

Ажурираните прогнози за светската економија ќе бидат објавени на 25 јануари за да им овозможат на нашите тимови да ги вклучат најновите случувања поврзани со пандемијата на Ковид-19 во нивните економски прогнози, истакна Рајс.

Во декември минатата година, портпаролот на ММФ рече дека ажурираните прогнози би можеле да бидат објавени на 19 јануари.

Извршната директорка Кристалина Георгиева изјави минатиот месец дека ММФ најверојатно ќе ги намали економските прогнози повторно во јануари за да го одразат влијанието на омикронот.

Во октомври, Фондот малку ја намали својата прогноза за глобалниот економски раст во 2021 година, на 5,9 отсто, и ја потврди проценката за раст од 4,9 отсто во 2022 година, предупредувајќи на неизвесноста создадена од можната појава на нови варијанти на коронавирусот.

Економистите очекуваат ММФ да ги намали своите прогнози за САД, со оглед на брзото ширење на многу заразниот сој омикрон и неуспешниот обид на претседателот Џо Бајден да добие зелено светло од Конгресот за пакетот социјални и климатски мерки во вредност од 1.200 милијарди долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.