Руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова, во интервју за ТВ Нова, коментирајќи ги претстојните разговори меѓу „Газпром“ и Бугарија за идните испораки и новиот договор меѓу двете земји, кажа дека не е исклучено конкретните услови да зависат од позицијата на Бугарија кон Русија, јави дописникот на МИА од Софија.

Митрофанова кажа дека Русија секогаш, дури и во најтешките времиња, била доверлив надворешно- трговски доставувач. Според неа, некои се обидуваат да го блокираат и запрат „Северен тек 2“ и беше категорична дека доколку не го пушти гасот, Европа самата себе се казнува.

Амбасадорката Митрофанова посочи дека прекин на снабдувањето со гас за Бугарија може да се случи само во случај на голема војна, во која ќе биде уништена сета гасна инфраструктура. Таа смета дека тоа тешко ќе се случи и нема смисла да се фантазира за тоа.

Во однос на Украина, Митрофанова додаде дека Русија е против членството на Украина во непријателскиот блок кон Русија. Затоа, концентрацијата на војници на границата со Украина е демонстрација на сила за да се смират оние кои би сакале да испровоцираат нешто во Украина. Амбасадорката истакна и дека за Русија кризата околу Украина може да се реши само со дипломатија.

Таа потенцира дека во моментов во Бугарија нема цели на Русија.

-Бугарија би станала цел доколку има воени бази и стратешко оружје насочено кон Русија, објасни Митрофанова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.