Шест мигранти беа убиени откако мексикански војници отвориле оган врз група од 33 мигранти кои патувале со пикап кој се обидел да избегне воена патрола, соопшти Министерството за одбрана.
Уште 10 мигранти се повредени во инцидентот во вторникот вечерта, се вели во соопштението на Министерството. Во групата имало луѓе од египетска, непалска, кубанска, индиска и пакистанска националност, иако во соопштението не се наведува националноста на починатите.
Министерството соопшти дека инцидентот се случил во вторникот непосредно пред 21 часот по локално време додека патролата се движела по автопат во близина на градот Хуикстла, на околу 40 километри од Тапачула, долж границата со Гватемала.
Четворица мигранти загинале на местото на настанот, додека други двајца починале подоцна во болница.
Жртвите го насочуваат вниманието на мигрантската политика на Мексико, како и на растечката улога на војската во безбедноста на земјата. Мексико е под притисок од САД да го намали бројот на мигранти кои пристигнуваат на нивната заедничка граница, кои бегаат од економски тешкотии и насилство.
Министерството за одбрана на Мексико соопшти дека двајцата војници кои пукале врз мигрантите биле отстранети од своите позиции и дека федералните обвинители биле известени. И воениот суд ќе спроведе своја истрага.
Министерството додаде дека се координира со мексиканското Министерство за надворешни работи за контакт со соодветните амбасади.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.