Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев денеска изјави дека уништувањето на француската армија ќе биде приоритетна задача на руските вооружени сили доколку се појават во Украина.

Медведев истакна дека би било убаво Французите да испратат неколку полкови во Украина.

„Многу е проблематично да се сокрие толку голем број воени лица, а прашањето за нивно систематско уништување нема да биде најтешката, но исклучително важна задача. Со толку многу ковчези што ќе и бидат доставени на Франција од странска, далечна земја, невозможно е да се сокрие масовната смрт на професионалните воени лица“, напиша тој на каналот Телеграм, пренесува „Ведомости“.

Според него, француските војници ќе станат полноправни борци како дел од интервентниот контингент, а „нивното уништување ќе биде приоритет за вооружените сили на Русија“.

Медведев оцени дека за француското раководство тоа би било „еднакво на гилотина“.

„Ова ќе биде добра лекција за Европа“, вели заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска изјави дека францускиот претседател Емануел Макрон, зборувајќи за можноста за испраќање западни трупи во Украина, мислел на испраќање војска за обука на украински војници во земјата, а не во странство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.